Ситуацијата во „Еурокомпозит“ крајно неизвесна

Струјата е исклучена, веќе два месеца немаме примено плата, а ниту имаме здравствено осигурување.

118

Во фабриката „Еурокомпозит“ во Прилеп денеска е исклучена струјата поради неплатените заостанати долгови и ситуацијата е крајно неизвесна и се влошува, смета синдикатот на „Еурокомпозит“.

На денешната прес конференција претседателот на синдикатот Роберт Богданоски, рече дека со исклучената струја, немањето работа и без плата два месеца, ситуацијата се усложнува.

– Од денеска состојбата во фабриката се влошува повеќе. Струјата е исклучена, веќе два месеца немаме примено плата, а ниту имаме здравствено осигурување. Во фабриката останавме околу 100 вработени, но работа нема. Денеска раководството ги испушти вработените и речено е да чекаат дома до повторно повикување – изјави Богданоски.

Стои и триесетте вработени минатата недела си ги зедоа решенијата и заминаа како технолошки вишок, но бидејќи нема пари за плати, стравуваат дека нема да добијат дел отпремнини до крајот на месецот како што им ветило раководството. Останува само надежта дека ќе се пролонгира важноста на Законот за технолошки вишок до крајот на годинава за да ги опфати и нив.

– Колегите буквално заминаа само со еден документ в рака со кој ќе се пријавуваат во Бирото за вработување. Во постапка се решенијата уште за 24-ица вработени кои се пријавија за технолошки вишок и ќе заминат до 11 декември, па вкупно од фабриката заминуваат 154-ица вработени. Раководството им вети дека до крајот на месецов линерарно да добијат по 50.000 денари од отпремнината, а остатокот за два до три месеца. Но како ќе се исплаќа кога нема пари ниту за плата, ниту за здравствено осигурување. За исплаќање се околу 140.000 евра за 154-цата технолошки вишок. Најголема надеж им е дека ќе се донесе законот, односно ќе се продолжи важноста на законот за технолошки вишок до крајот на декември за да може да добиваат надомест до пензионирање или до повторно вработување – објаснува Богданоски и вели дека се најавува протест во Скопје за конечно да се реши нивниот проблем.

Богданоски потврдува дека слушнале за заинтересиран инвеститор кој би ги исплатил сите побарувања на вработените, придонеси за шест години и заостанати околу 18 плати, но тоа, вели може да потрае со месеци, а тие се без плата и без работа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...