Во рамки на книжевниот фестивал „Букстар“, вечерва од 20.30 часот во Младинскиот културен центар ќе биде промовирана книгата „Медицински роман“ од финскиот писател Рику Корхонен, а издавачката куќа „Готен“ организира разговор со авторот кој за ова дело во 2010 година ја доби Наградата на Европската Унија за литература.
– „Медицински роман“ е прекрасен роман за љубовта, смртта и политиката. Ја раскажува приказната за четири преплетени животни судбини… Романот е возбудлива анализа на медиумската војна и духовита имитација на љубовен роман – соопшти „Готен“.
Преводот на книгата од бугарски на македонски јазик е на Борче Георгиев. Преводот и промоцијата на книгата се поддржани од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Рику Корхонен (1972) е меѓу познатите современи фински писатели, кој дебитираше на литературната сцена во 2003 година. Пред целосно да се посвети на литературата, работел како наставник во средно училиште и како предавач по креативно пишување на Универзитетот во Турку.