ММФ: Монетарната политика е соодветна, а банкарскиот систем и натаму е здрав

Со закрепнувањето на инвестициите, се очекува забрзување на растот на БДП на 2,8 проценти во 2019 година и понатамошно засилување на 3,5 отсто, на среден рок, во услови на инфраструктурни вложувања и силен извоз.

89

Монетарната политика е соодветно присобена, а банкарскиот систем и натаму е здрав, но ризиците треба се уште внимателно да се следат. Ова како што информираат од Народната банка на Република Македонија (НБРМ) го оцени тимот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Завршното соопштение за редовниот годишен преглед на македонската економија.

Од НБРМ нагласуваат дека според ММФ, во иднина, доколку се влоши надворешното опкружување, Централната банка треба да биде подготвена да ја заостри монетарната политика, како што беше соодветно направено и во изминатите периоди. Врз основа на умерената економска активност, ниската инфлација и поволните девизни пазари, НБРМ двапати ја намали каматната стапка во 2018 година.

ММФ оценува дека банките се добро капитализирани, ликвидни и профитабилни. Учеството на нефункционалните кредити е намалено, а кредитните ризици се добро обезбедени. Според ММФ, натамошните напори за постепено зголемување на денаризацијата на депозитите и внимателно калибрираните макропрудентни мерки за намалување на кредитирањето во странска валута на домаќинствата ќе помогнат за натамошно зајакнување на отпорноста на финансискиот систем.

Во Програмата за детална проценка на финансискиот сектор (FSAP), што во моментов се финализира од страна на ММФ и Светската банка, додаваат, се констатира дека банкарската супервизија и прописите значително се подобрија во текот на изминатата деценија, но се идентификува и потребата од натамошно зајакнување, особено во делот на супервизијата на системски значајните банки и макропрудентната регулатива и модернизација на управување со кризи.

Во Соопштението на тимот на ММФ, потенцираат од НБРМ, се наведува дека враќањето на политичката стабилност и напредокот кон решавањето на проблемот со името значително ги подобриле перспективите за отворање на преговорите за членство во ЕУ, повеќе од 12 години по добивањето на кандидатскиот статус. За да се искористи оваа можност и да се осигури посветла иднина преку повисока продуктивност и побрза конвергенција на доходот, клучни се структурните реформи за надминување на долгопостоечките слабости на пазарот на труд, правосудството и јавната администрација.

Реалниот БДП во 2018 година е проектиран на 2 отсто, при поволни макроекономски услови, односно ниска инфлација, опаѓачки дефицит на тековната сметка и позитивни трендови на девизниот пазар. Со закрепнувањето на инвестициите, се очекува забрзување на растот на БДП на 2,8 проценти во 2019 година и понатамошно засилување на 3,5 отсто, на среден рок, во услови на инфраструктурни вложувања и силен извоз.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...