Македонија доцни со дуално образование, Европа веќе воведува троен систем

Атрактивноста на средните стручни училишта ќе се зголеми, ако фирмите обезбедат добри плати и современи услови за работа што веќе и станува практика.

388

Пекари, градежници од сите видови, како и машински стручни кадри и натаму се најдефицитарни за бизнисот во земјава. Дневно се бараат и по 10 лица кои ги познаваат овие струки, но бизнисите тешко доаѓаат до квалитетен кадар оти средното стручно образование освен што не образува доволен број од овие струки не нуди квалитетен кадар.

Ова денеска го изјавија од Стопанската комора која очекува подобрување на формалното образование и соодветен развој на неформалното образование кое ќе помогне да се премости јазот меѓу барањата на бизнисот и она што како квалитет и кадар го нуди актуелниот образовен систем.

Борис Тримчев од Комората, на денешната прес-конференција рече дека Стопанската комора, се обидува овој процес да го помогне преку неколку проекти за преквалификација на  работници за дефицитарните струки.

– Преку неформално образование изминатиот период преку два проекта се формализирани знаењата и вештините на околу 1.000 постари работници. Со нов проект кој ќе се реализира 10 години ќе се обидеме да оспособиме работници кои се потребни на преработувачката индустрија, прехранбената индустрија, угостителството и туризмот, како и од ИТ секторот – вели тој.

Но, додава тој, потребно е да се зголеми квалитетот на формалното образование, а неформалното да биде негово дополнување за да овозможи побрзо приспособување кон барањата и потребите на пазарот на трудот.

– Државниот систем на образование е прилично ригидна структuра која не може да се менува согласно пазарната динамика и не може во кратко време да одговори на потребите на пазарот. Очекуваме неговиот квалитет да се подобри, а неформалното образование да овозможи за кратко време потребен кадар преку доквалификација и преквалификација – истакна Тримчев.

Според него, атрактивноста на средните стручни училишта ќе се зголеми, ако фирмите обезбедат добри плати и современи услови за работа што веќе и станува практика.

Од Комората сметаат дека земјава доцни со воведувањето на дуалното образование и уште повеќе ќе доцни, ако во меѓувреме не го прифати системот кој веќе се промовира во Европа, т.н. трипартитен систем на образование во кое, освен училиштата и компаниите, се вклучени и дигиталните вештини.

– Ние во Комората веќе реализираме неколку експериментални модели кои се во пилот фаза, а кои ги вклучуваат и ИТ вештините на работниците кои немат формално образование – вели Тримчев.

Од Комората велат дека нивните два проекта кои се реализирани во градежништвото дале одлични резултати при лиценцирање на знаењата и вештините на градежни работници кои немале формално образование.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...