Над 100 милиони евра проекти во енергетиката од приватни инвестиции е очекуваниот импакт врз економијата следната година. Владата најавува дека на почетокот на 2019. ќе биде распишан тендер за минимум 100 мегавати инсталирани капацитети во фотоволтаици.
Според вицепремиерот за економски прашња Кочо Анѓушев, создадени се предуслови Законот за енергетика да даде резултати со инвестиции фокусирани на обновливите извор на енергија, фокусирани на економска основа со премиум тарифа.
– Сакам да ви најавам сериозна и агресивна инвестиција во енергетиката следната година, пред се во обновливите извори на електрична енергија и распишување тендер на почетокот на следната година за минимум 100 мегавати инсталирани капацитети во фотоволтаци, при што државата ќе ги подготвува парцелите и урбанистичките планови за инвеститорите да имаат колку што можна полесна работа. Сето ова ќе биде на база на премиуми, односно врз база на аукции, и веќе ќе нема доделување „кој ми е пријател, а кој не“, ќе има транспарентна постапка во која ќе може најдобрите инвеститори да градат фотоволтаични електрични централи, истото ќе се случува и со ветерните електрани – рече Анѓушев на денешната презентација на економската програма од Предлог буџетот за следната година.
По договорите што беа потпишани пред две недели за реконструкција на трафостанциите и далекуводите во делт на преносниот систем, во МЕПСО,како што најави тој, следната година ЕЛЕМ ќе ја изгради својата 10 мегаватна фотоволтаична централа врз стариот рудник во Олсомеј.
– Очекуваме овие проекти да имаат сериозен импакт врз економијата во Македонија. Од сите заедно, вклучително и 22.те нови мали хидроелектрани за кои многу скоро ќе излезе тендер, очекуваме импакт од над 100 милиони евра врз македонската економија. Многу е важно што овие 100 милиони евра ќе бидат приватни инвестиции и не се инвестиции каде државата ќе се задолжува – рече Анѓушев.