Британската премиерка Тереза Меј денеска нагласи дека со сите сили ќе се бори за усвојување на постигнатиот договор со Брисел за истапувањето на Велика Британија од ЕУ, нагласувајќи дека тој е во интерес на британските избирачи.
– Дали тој ќе опстои? Да. Моја работа е да постигнам најдобар договор за Велика Британија и моја работа е да постигнам договор што ќе биде во национален интерес – потенцира Меј на прес-конференција во нејзината резиденција во Даунинг стрит 10.
Таа нагласи дека e целосно убедена оти курсот по кој се движи е единствениот исправен за земјата и за британскиот народ.
Меј истакна дека не планира да иницира нов референдум за Брегзит, нагласувајќи дека постигнатиот договор е согласно гласот на оние 52 проценти од гласачите, кои на плебисцитот во 2016 година се изјаснија за напуштање на Унијата.
– Велика Британија ќе влезе на патот на длабока и сериозна неизвесност, ако се откаже од тешко постигнатиот договор за напуштање на Европската унија – истана Меј.
Според неа, постигнатиот договр ќе ги заштити британските работни места, трговијата, безбедносната соработка, мировниот процес во Северна Ирска и отворената ирска граница.
– Постигнувањето договор подразбира носење тешки и непријатни одлуки. Од самиот почеток знаев што сакам да му испорачам на британскиот народ и да го почитувам неговниот глас на референдумот – истакна Меј.
Меј се соочува со неизвесност околу одобрувањето на предлог-договорот за Брегзит од страна на Долниот дом на британскиот Парламент, во услови кога петмина министри во нејзината Влада денеска поднесоа оставки незадоволни од содржината на договороениот текст за регулирање на истапувањето на Велика Британија од ЕУ.