Шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу денеска изјави дека неговата земја не е задоволна со смртната казна, што саудискиот јавен обвинител ја побара за петмина осомничени за убиството на новинарот Џамал Кашоги.
Чавушоглу инсистира дека на осомничените кои се во притвор во Саудиска Арабија треба да им се суди во Турција.
Тој додаде дека Турција не е задоволна од објаснувањата на саудиските власти и оти е потребно да се открие кој го наредил убиството на Кашоги.
– Овој процес не може да заврши на овој начин – истакна Чавушоглу.
Турскиот министер за надворешни работи побара од Ријад да откри каде се наоѓаат останките на Кашоги.
– Каде е телото на убиениот Кашоги? Каде е фрлено, каде е закопано – праша Чавушоглу.
Турција претходно бараше да се истражат наводите дека телото на Кашоги е растворено во киселина.
Претходно, саудискиот јавен обвинител изјави дека лицето кое го наредило убиството на новинарот Кашоги е шеф на преговарачкиот тим, кој бил испратен во Истанбул со цел да го врати во Саудиска Арабија.
Тој додаде дека бара смртна казна за пет од 11 осомничени за убиството на Кашоги.
Обвинителот изјави дека не е познато каде се наоѓа телото на Кашоги, и наведе дека е во тек истрага со цел да се утврди локацијата на која се наоѓаат останките од телото на убиениот новинар.
Тој посочи дека Кашоги, критичар на саудиската политика, убиен е во Конзулатот на таа земја во Истанбул на 2 октомври откако му била вбризгана инјекција, а неговото тело исечено на парчиња било изнесено од зградата.