Шенген ќе одлучи за визните олеснувања за кинеските туристи

217

Здружението на угостителство и туризам при Стопанската комора го достави во Министерствата за надворешни и за внатрешни работи барањето за визно олеснување како една од алатките преку кои ќе се овозможи Македонија да биде атрактивна туристичка дестинација за кинеските туристи и за оние од ГОЛФ-земјите.

Од Комората велат дека Светските трендови покажуваат дека расте интересот на туристи, пред сѐ од Азија и Македонија ќе треба да се вклучи во тие трендови за да го зголеми девизниот приход од туризам идните години.

– Повеќе од 135 милиони туристи од Кина на годишно ниво излегуваат од земјата, со проценка дека трошат 330 милијарди долари на годишно ниво. Во регионот на Западен Балкан, статистиката покажува дека сѐ поголем е бројот на туристи од Кина, но и од ГОЛФ – земјите. Како поддршка на ваквите движења се и одлуките на државите од Западен Балкан за олеснување на визниот режим – вели Славе Сирачевски, заменик-претседател на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора.

Соседните држави, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, вели тој, имаат направено сериозно олеснување на визниот режим со овие земји, од коишто туристи на кружни тури патуваат во регионот.

– Србија има безвижен режим со Кина, Катар, Кувајт, Бахреин, Оман, Обединетите Арапски Емирати. Визи има само за потенцијални туристи од Саудиска Арабија.Босна и Херцеговина има ист безвизен режим со земјите од ГОЛФ-регионот, а со Кина имаат договор за взаемно ослободување од визи во рок до 90 дена.Црна Гора и Косово, исто како и Македонија, имаат визен режим со Кина. Црна Гора има визи и за Бахреин, Оман и Саудисака Арабија, а Косово има безвизен режим со сите земји од ГОЛФ-регионот. Албанија има визи само за туристи од Бахреин, а од 1 арил до 31 октомври годинава имаат безвизен режим со Кина – објаснуваат од Здружението.

– Министерството за надворешни работи ќе го разгледува барањето на Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора во рамки на прифатените норми за визен режим на ЕУ- велат за Плусинфо од МНР.

Отаму додаваат дека земјава има практика на носење на еднострани времени одлуки за одредени држави за укинување на визите за влез и краткорочен престој во Република Македонија.

-Идните чекори во визната политика на Република Македонија ќе бидат во духот на постигнатиот висок степен на хармонизација со Шенгенската визна политика, имајќи го притоа предвид и актуелниот скрининг процес од страна на ЕУ за Поглавје 24 во кое е вклучена и визната политика, воведените пракси за визна либерализација од страна на одредени земји во Регионот, кандидати за членство во ЕУ, како и сопствените приоритети и интереси – велат од МНР.

Од Министерството за внатрешни работи, пак, велат дека тие не се надлежни за визни олеснувања, но ако добијат таква одлука ќе ја спроведуваат.

Од Комората, како што велат, очекуваат на поединечен или заеднички состанок со министерствата да ги презентриаат своите видувања за тематиката.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...