Идната година повисоки плати, но и откази за административците

Заев појасни и дека планираното зголемување на платите од пет отсто за јавната администрација е планирано за септември, оти , како што рече, најавените контроли од ЕУ се во јуни, по што ќе се знае дали реформата во јавната администрација поминала.

2649
20150911 Friday 0943 ministerstvo za informaticko opstestvo i administracija

Вишокот од јавната администрација ќе биде отпуштен и со преквалификација понуден на приватните компании. Ќе се чека скринингот и отворањето на поглавјата за преговори со ЕУ каде што се бараат реформи и во администрацијата. Повисоките плати од 5 отсто за идниот септември е планиранo да се случат откако ќе се знаат резултатите од контролите на реформата.

Ова го изјави премиерот Зоран Заев вчера пред бизнисмените од Стопанската комора на расправата по предлог буџетот за следната година.

– На дел од административците ќе им се заблагодариме, ќе им понудиме преквалификација преку програмите на Агенцијата за вработување и ќе ги понудиме на приватните компании. Тие ќе треба да им обезбедат соодветна обука, а ние сме подготвени од шест месеци до една година да им обезбдеиме плати додека трае обуката. Вие ќе треба да им гарантирате дека по завршување на обуката ќе ги вработите – им се обрати Заев на бизнисмените.

Заев појасни и дека планираното зголемување на платите од пет отсто за јавната администрација е планирано за септември, оти, како што рече, најавените контроли од ЕУ се во јуни, по што ќе се знае дали реформата во јавната администрација поминала.

– Ако оценката е позитивна и почнеме претпристапни преговори, односно ги отвориме поглавјата 23 или 24, тогаш ќе има зголемување на платите во јавната администрација, ако не – нема да има – рече Заев.

Претходно и ресорниот министер кој треба да ги спроведе реформите во јавната администрација Дамјан Манчевски најави реорганизација на администрацијата. Тој рече дека во план е и укинување на институции како и намалување на бројот на управни одбори.

Бизнисмените иако очекуваат јавната администрација да се намали и да стане поефикасна, официјално сѐ уште не се изјасниле дали се подготвени да прифатат дел од административците.

– Добро е да се обидеме и ќе видиме дали тоа ќе даде некаков резултат. Моментално најголем проблем на компаниите е недостигот на работници од сите струки па преквалификацијата на овие луѓе би била добра. Прво ќе треба да видиме колкав број од овие административци ќе бидат прекубројни и дали ќе сакаат да се преквалификуваат. Од тоа ќе зависи дали ние како работодавачи ќе прифатиме дел од нив – вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи и директор на конфекцијата „Мода“ од Штип.

Според него, добро е што се размислува за намалување на администрацијата, но како што вели, треба да се направи повеќе за нејзината ефикасност.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...