Мерките за економски раст претставени пред белгиските бизнисмени во Антверпен

112

Ве уверувам дека странските инвеститори се добредојдени во Македонија порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на денешната тркалезна маса во Антверпен, Белгија организирана од Стопанската комора ВОКА (Voka – Kamer van Koophandel Antwerpen Waasland) каде ги презентира можностите за инвестирање во земјава пред двесетина претставници на белгиски компании.

Вицепремиерот, кој е во дводневна службена посета на Кралството Белгија, истакна дека Владата во изминатиот период напорно работеше и ја стабилизираше економската состојба во Република Македонија. Тој нагласи дека е потребно владеење на правото за добра бизнис клима, за да чувствуваат сигурност стопанствениците во нивните инвестиции, како и обезбедување на стабилна политичка состојба, преку интензивни активности за реализација на евро-атлантските аспирации на земјата.

– Доколку некоја компанија се реши да ја посети земјата и да ги истражи можностите за инвестирање, Владата и органите на државната управа Ви стојат на располагање за сите потребни информации. Веќе имаме оформено неколку технолошко-индустриски развојни зони, во кои работат странски компании, работиме на нивно комплетирање и сакаме да ги пополниме со реномирани производствени компании – потенцира Анѓушев.

Вицепремиерот ги претстави мерките од Планот за економски раст, при што истакна дека преку имплементација на мерките се овозможува значителна поддршка на компаниите за нови инвестиции, нови работни места и подобрување на конкурентноста на странски пазари.

– Планот за економски раст го креиравме со намера да ја поттикнеме економската активност во земјата, да привлечеме нови инвестиции, да ги поддржиме постоечките компании да се развиваат, а со тоа да ја подигнеме конкурентноста на македонската економија и да се отворат нови подобро платени работни места за македонските граѓани. За секоја нова инвестиција, државата ќе обезбеди поддршка во висина од 10 отсто од вредноста на инвестицијата и дополнителни 10 отсто доколку со таа инвестиција се зголеми пазарната реализација на компанијата на странски пазари. Со цел да ја стимулираме соработката помеѓу странските и домашните компании креиравме мерка преку која доколку странска компанија набавува 15 отсто од материјалите за работа од домашни, македонски компании, Владата ќе изврши исплата во висина од еден отсто од вкупно направените набавки на компанијата. Доколку некоја компанија одлучи да отвори развоен и истражувачки центар во Република Македонија, може да смета на поддршка во висина од 50 отсто од направените инвестиции, со што го поттикнуваме технолошкиот развој и иновациите во компаниите. Во насока на зголемување на платите, обезбедуваме поддршка во висина од 20 отсто од исплатената нето плата, за нововработени лица во компаниите кои примаат 50 отсто повисока плата од минималната – подвлече вицепремиерот Анѓушев.

Тој истакна дека за микро, малите и средните компании, поддршката е уште посилна и дека Владата ќе обезбеди поврат во висина од 30 отсто од направените нови инвестиции на овие компании, додека поддршка во висина од 70 отсто од направените инвестиции, може да очекуваат мали и средни претпријатија кои ќе вложат во развој на нови иновативни производи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...