Работилница на НБРМ за управување со податоците за статистички потреби

108

Народната банка на Република Македонија, во соработка со експерти од Европската централна банка и Европскиот систем на централни банки, денеска организираше работилница на тема „Управување со податоците за статистички потреби на централните банки и доверливост на статистичките податоци“.

– Еден од стратешките приоритети на Народната банка на Република Македонија е постојано унапредување на квалитетот на статистиката преку примена на меѓународните статистички стандарди кои во посткризниот период ја нагласуваат потребата за обезбедување подетални, посеопфатни и пофреквентни статистички податоци, притоа водејќи сметка за известувачкиот товар на економските субјекти, истакна гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска на отворањето на работилницата.

Од НБРМ соопштија дека првата сесија на работилницата била посветена на регулативата и практиките за обезбедување рационален пристап до статистичките податоци и за заштитата на нивната доверливост во еврозоната како целина, како и во одделни земји членки на Европската унија. Притоа, одделно внимание било посветено на соработката меѓу Генералниот директорат за статистика на ЕЦБ и статистичката служба на ЕУ – Евростат, како и меѓу ЕЦБ и централните банки на државите членки на ЕУ, во поглед на начинот и условите под кои се разменуваат податоците прибрани за статистички цели. Експерти од НБРМ, како и од Државниот завод за статистика и Министерството за финансии, во рамките на оваа сесија имале можност да проследат презентации преку кои, покрај европската регулатива и искуствата на ЕЦБ, биле презентирани и искуствата на централните банки на Луксембург и на Австрија.

Втората сесија била посветена на потребата од соодветно управување со податоците во современата организациска култура и третманот на податоците како исклучително вреден ресурс, со посебен осврт на стратегијата, организациската поставеност и практиките за управување со податоци на ЕЦБ. Одделно биле разгледани и сегашните и идните предизвици на ЕЦБ, во врска со различни процеси поврзани со обезбедување квалитет, соодветна архитектура, моделирање, чување, разменување и активно користење на податоците од страна на корисниците, при што акцентот бил ставен на специфичните потреби коишто произлегуваат од функциите на централните банки.

Во рамките и на двете сесии се водела плодна дискусија на која се отвориле прашања клучни за натамошните активности на НБРМ позврзани со остварувањето на нејзината определба и во областа на статистиката, редовно да ги следи најновите европски и меѓународни стандарди и практики, со што прави и големи чекори по патот кој води кон Европскиот систем на централни банки.

Во изминатиов период, НБРМ организираше низа семинари, работилници и предавања на актуелни теми од областа на статистиката. Оваа работилница која е и уште една потврда за успешната комуникација и соработка на НБРМ со ЕЦБ и ЕСЦБ е само еден од планираните настани посветени на статистика, со кои ќе се продолжи и во претстојниот период, информираат од НБРМ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...