Поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник од редовите на владејачката Партија на правда и развој, Ахмет Демирџан, во турскиот Парламент поднесе предлог-закон со кој треба да се стави крај на илегалната трговија со органи.
Турскиот парламент неделава ќе расправа за предлог-законот, со кој ќе се дефинираат условите за донирање и примање органи за трансплантација. Потребата од тој закон произлегува по се позачестените извештаи во медиумите за Турци кои продаваат бубрег на црниот пазар.
Според нацрт-законот, се укинува и условот дека треба да се биде во брак најмалку две години за сопругот или сопругата да си донираат или да добијат орган од сопружникот. Исто така е предвидено да се формираат посебни етички комитети во окружните центри каде што има центри за трансплантација.