Европската унија како посредник во дијалогот помеѓу Белград и Приштина ќе направи се за наредната година, до крајот на мандатот на шефицата на ЕУ дипломатијата Федерика Могерини, да дојде до постигнување договор за севкупно нормализирање на односите помеѓу Белград и Приштина, јави ТАНЈУГ.
Во Брисел наведуваат дека и во овој момент се одвиваат контакти со цел да продолжи дијалогот помеѓу Белград и Приштина, но дека се уште не постои конкретен датум за можен нов состанок на претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи.
Овој месец се очекува, без оглед дали ќе дојде до продолжување на дијалогот Белград-Приштина, редовниот извештај кој Европската служба за надворешни работи ќе го претстави на земјите членки на ЕУ за напредокот во процесот за нормализација на односите на двете земји.
Од извештајот во голема мерка зависи и одлуката на членките на ЕУ за бројот на новите поглавја што Србија ќе ги отвори во декември во рамки на своите пристапни преговори.