Само една компанија во земјава е во фаза на воведување на новиот стандард за заштита при работа ИСО 45001 кој официјално треба да се применува од 2020 година. Загрижувачки е и тоа што мал број компании го имаат имплементирано и актуелниот стандард ОХСАС 18001 кој ќе биде заменет со новиот стандард. Ова беше речено на денешната прес-конференција во Стопанската комора.
– Новиот стандард ИСО 45001 е објавен во јули годинава, а неговато воведување е на доброволна основа. До сега почна да го применува само рудникот „Бучим“ од Радовиш – информира Емилија Тодоровска од Стопанска комора.
Таа ги повика компаниите да го имплементираат стандардот, оти како што рече, во ЕУ каде што се стреми земјата, без преседан, примената на стандардите, е на прво место.
Според неа, ИСО 45001 е рамка за системско управување со ризиците при работа: спречување смрт, повреди поврзани со работата, лошо здравје предизвикано од природата на работата. Овозможува безбедна и здрава работна средина за сите вработени.
– Практично овој стандард нуди широк спектар бенефиции: глобализација (ставање на компанијата во елитна категорија на бизниси), подобрување на бизнис перформансите, создавање најдобри практики, идентификација на опасности и ризици, пониски премии за осигурување, поголема ефикасност и конкурентност – рече таа.
Петре Спасов, координатор за квалитет и здравје и безбедност при работа, од Рудникот „Бучим“ каде што почна имплементацијата на стандардот вели дека е важна вистинската имплементација на стандардот и подеднакво вклучување на вработените и менаџерскиот тим и поттикнување на нивната желба да придонесат да се намали борјот на повреди за време на работа.
– Во „Бучим“ годинава има 4 повреди на работните места кои се полесни. Таква е и бројката на повреди и во изминатите години. Примената на овој највисок стандард очекуваме да придонесе за намалување на бројот на повреди- рече тој.
Во комората, како што рекоа, немаат број на повредени лица на раобтно место, но се надеваат дека со имплементирањето на соодветниот стандард ќе се севеде бројот на минимум.
Македонското здружение за заштита при работа, констатира дека за годинава има индиции дека се зголемува бројот на несреќи на работното место, односно до септември евидентирани се околу 100 повреди на работа и 30 смртни случаи. Извештајот за 2018 година, Здружението ќе го објави во април 2019 година.
Статистиката, пак, на Меѓународна организација на трудот (МОТ) покажува дека секои 15 секунди работник умира од несреќа или болест поврзана со работата, а 153 лица доживуваат повреди на работното место. Секој ден 6.300 луѓе умираат како резултат на несреќи при работа и болести поврзани со работата или има повеќе од 2,3 милиони смртни случаи годишно. Вкупно 317 милиони несреќи на работа се случуваат годишно и многу од нив резултираат со продолжено отсуство од работа.
Економскиот товар на слабите практики за безбедност и здравје при работа се проценува на четири отсто од глобалниот бруто-домашен производ секоја година.