Солунскиот „Златен Александар“ за британскиот „Реј и Лиз“

Македонскиот проект „М“ на Вардан Тозија, кој беше селектиран во индустрискиот дел на годинешниот копродукциски форум, доби грант и пофалба дека Тозија го олицетворува она што режисерот треба да биде, раскажувач и техничар

387

Главната награда на 59. Солунски филмски фестивал, Златен Александар „Тео Ангелопулос“ и 8.000 евра отидоа кај британскиот филм „Реј и Лиз“, деби на Ричард Билингам, кој оваа приказна за своите родители ја прави според сеќавањата како дете, бидејќи потоа е одземен од неговите биолошки родители и даден на грижа во друго семејство.

Жирито, предводено од директорката на Холандскиот филмски музеј, Сандра ден Хамер, а во кое беше и романскиот режисер Раду Жуде, Специјалната награда на жирито – Сребрениот Александар му ја додели на германскиот филм „Се е добро“ на Ева Тробиш, кој зборува за една млада девојка, која е решена да има контрола на својот живот по секоја цена, па дури и по цена на силување. На главната актерка во овој филм Ен Шварц, која беше одлична, ѝ припадна наградата за најдобра женска улога, што ја делеше со актерката од грчкиот филм „Нејзина работа“, Мариша Тријантафилиду.
Бронзен Александар или Наградата за режија ја доби Путипонг Аронпенг од Тајланд за трилерот „Манта реј“, која ги освои и наградите за најдобра фотографија и за човечки вредности. Додека, сосем очекувано Наградата на публиката отиде кај опсесивниот дански трилер „Виновен“ на Густав Молер, што му го донесе признанието и за најдобар машки актер на Јакоб Седергрен.
Наградата на критиката, пак, во интернационалната конкуренција ѝ беше доделена на „Софија“ за дебито на Мерием Бенм Барек од Мароко, а во грчката програма на филмот „Пауза“ на Тонија Мишијали.

Македонскиот проект „М“

Она што е особено важно за нас е дека македонскиот проект „М“ на Вардан Тозија, а во продукција на Дарко Попов, ја доби наградата на 14. Копродукциски форум (во рамките на индустрискиот дел), која ја дава грчката постпродукциска компанија 2/35. Фалејќи ја визуелната амбиција на филмот, жирито рече дека режисерот го олицетворува она што режисерот треба да биде, раскажувач, но и техничар.
Глоса Главната награда ја доби британскиот филм „Реј и Лиз“, деби на Ричард Билингам, кој оваа приказна за своите родители ја прави според сеќавањата како дете. (С.У)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...