Врвниот тромбонист Џозеф Алези солист со Македонската филхармонија

94

Симфонискиот концерт „Руска игра“, кој на сцената ќе го донесе врвниот тромбонист Џозеф Алези, ќе се одржи во четврток во 20 часот со оркестарот на Македонската филхармонија.

Оркестарот на Македонската филхармонија предводен од маестро Борјан Цанев, ќе ги изведе делата „Адаџо за Јагода Сланева“ од македонскиот композитор Љубомир Бранѓолица, Концерт за тромбон и оркестар од францускиот композитор Анри Томази, како и фантастичниот балет „Петрушка“ од рускиот композитор Игор Стравински.

Џозеф Алези е прв тромбонист на престижната Њујоршка филхармонија и се јавува како еден од најдобрите соло тромбонисти кој настапува низ светот, не само во САД. Неговите настапи, всушност, се вистински раритет, затоа што тој изведува ретко интерпретирани дела за тромбон, па затоа е и дел од многу аудиоизданија. За него ќе кажат дека е веројатно најдобриот жив тромбонист. Неговиот солистички репертоар е навистина широк и богат, во кој се вклучени дела од Бернштајн, Хиндемит, современи автори како што се Кристофер Роуз или Ерик Евазен, но и транскрипции на дела од Бах, Бетовен, Менделсон, Верди, Чајковски, Дебиси… Особено активен како солист, Алези се истакнал во 90-тите години на минатиот век настапувајќи со значајни оркестри низ светот, но и како камерен музичар.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...