Анита Хохенберг, праправнука на австрисикиот надвојвода Франц Фердинанд и Бранислав Принцип, внук на братот на Гаврило Принцип, се сретнаа вчера во Грац, Австрија за да го одбележат атентатот кој беше повод за почеток на Првата светска војна.
Роднините на убиецот и жртвата си подадоа рака во рамки на настанот „Ракување за мир“, јави Хина.
– Беше тоа нивна прва средба и беше многу емотивна, изјави организаторот на средбата, австрискиот уметник Игор Петковиќ. Тој во Грац организираше низа културни настани по повод 100-годишнината од завршувањето на Првата светска војна и ги повика роднините на двете семејства кои беа директно вклучени во почетокот на Големата војна.
Еден век подоцна, Анита Хохенберг управува со семејниот дворец Арштетен, каде се закопани Франц Фердинанд и неговата сопруга Софија, а Бранислав Принцип е 48-годишен антрополог од српскиот град Панчево.
Гаврило Принцип го уби австрискиот престолонаследник Франц Фердинанд и неговата сопруга Софија во Сараево на 28 јуни 1914 година, што беше искористено како повод за војна, кој еден месец подоцна Австро-унгарија го објави на Србија. Тоа беше почеток на Првата светска војна, по која се распадна и Хабсбуршкото царство.