Investinsee.com

451

Информацијата е од клучно значење за бизнисот. Можноста да се добијат точни информации и по брза постапка е од незаменливо значење за било кој претприемач, од регионот на Западен Балкан или од било кој друг крај на светот. И токму од оваа идеја се водевме во Коморскиот инвестициски форум, кога минатата година одлучивме да почнеме да ја подготвуваме Регионалната инвестициска платформа.


Идејата беше да се направи своевидна централна точка од која ќе може да се добијат сите потребни информации поврзани со условите и поволностите за инвестирање, но и да се обезбедат одговори на конкретните прашања на бизнис заедницата заинтересирана за инвестирање во земјите од Западен Балкан, вклучувајќи база на податоци за макроекономските показатели, правната рамка, пазарот, финансиските и други стимулации, потенцијалните партнери и добавувачи, како и конкретни проекти во кои може да се инвестира.

Оваа идеја беше препознаена од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и поддржана во целост. Регионалната инвестициска платформа, како прв заеднички производ на Коморскиот инвестициски форум, ја промовиравме на Инвестицискиот самит за Западен Балкан, организиран од страна на ЕБОР, кој на 26 февруари 2018 година се одржа во Лондон. На Самитот, пред шесте премиери од регионот, претставници од финансиски институции и водечки меѓународни компании, беше презентирана платформата и активностите кои Коморскиот инвестициски форум ги прави за промовирање на регионот како единствена дестинација за инвестиции и за започнување бизнис, но и за презентирање на предностите за воспоставување на заеднички регионален пазар.

Тоа што е особено важно е што платформата содржи Правна и даночна база на податоци, во која се содржани детални информации, кои може да се од интерес за инвеститорите кои сакаат да започнат активности во некоја од земјите од Западен Балкан – вклучувајќи ги помеѓу другото прашањата за регистрација на трговско друштво, пазарот на капитал, јавните набавки, вработувањето, даночниот и царинскиот режим, визниот режим и обезбедувањето на работни дозволи за странци, решавањето на споровите, правната рамка која се однесува за заштита на инвестициите.

Оваа алатка не е наменета само за странски инвеститори од трети земји, туку и за бизнисите кои работат во регионот, како и оние кои можеби се заинтересирани за интрарегионални вложувања. Затоа, следен пат кога ќе Ве интересира каква е даночната рамка во Албанија, или каква е процедурата и кои документи се потребни за регистрирање на трговско друштво во Србија, или можеби како може да се добие работна дозвола за странци во Црна Гора, посетете ја www.investinsee.com. Може да Ви понуди многу клучни информации на едно место.

(Бранко Азески e заменик претседател на Коморскиот Инвестициски Форум)


Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...