Четворица британски министри кои го поддржуваат останувањето на Велика Британија во Европската унија, поради Брегзит се блиску до одлука да ја напуштат Владата на премиерката Тереза Меј, пишува „Сандеј тајмс“.
Весникот пренесува дека Европската унија го одби планот на Меј да се воспостави независен механизам кој би го надгледувал излезот на Британија од било кој облик на привремен договор за царини.
Приврзаниците на Брегзит во Конзервативната партија инсистираат на тоа дека Британија мора да го задржи надзорот кога ќе го напушти царинскиот договор во моментот кога ќе премине во нови трговски односи со ЕУ.
Сепак, како што пишува весникот, ЕУ ќе инсистира на тоа сите одлуки да ги надгледува Европскиот суд за правда.