Пратениците ја продолжуваат расправата за ребалансот на Буџетот

Расправата почна вчера, а согласно собранискиот Деловник, може да трае најмногу три дена.

58

Собранието на Република Македонија денеска треба да ја продолжи расправата по предлог измените и дополнувањата на Буџетот, во второ читање.

Расправата почна вчера, а согласно собранискиот Деловник, може да трае најмногу три дена.

Министерот за финансии Драган Тевдовски во образложението истакна дека ребалансот базира на проекција за раст на реалниот БДП од 2,8 проценти во 2018 година, а буџетскиот дефицит е непроменет и изнесува 2,7 проценти од БДП.

-Се врши минимална корекција на приходната страна на Буџетот и приспособување на одделните делови од буџетската потрошувачка до крајот на годината. Позначајни дополнителни средства се алоцираат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување на Република Македонија. Со цел подобрување на фискалната позиција на општините се предвидуваат и три милијарди денари за финансиска поддршка на општините и единките корисници основани од нив, пред сѐ училишта, за да сервисираат значителен дел од нивните неизмирени обврски- објасни Тевдовски.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека власта води катастрофална економска политика, а со ребалансот, наместо да овозможи реализирање капитални инвестиции, значително ги крати средствата, посебно за здравството и образованието. Тие сметаат дека е погрешна и одлуката за финансиска поддршка на општините со која, преку алоцирање поголем дел од буџетските пари, ќе им се помогне на локалните самоуправи да ги подмират или намалат долговите.

Реплицираше министерот Тевдовски, потенцирајќи дека фискалните параметри се одлични, а остварувањето на приходите е според проекциите што е првпат случај по подолго време.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...