Најмалку 17 лица загинаа откако три автомобил-бомби експлодираа пред хотел во главниот град на Сомалија, Могадишу.
Шефот на полицијата Мохамед Хусеин изјави дека, по се изгледа, експлозиите се дело на бомбаш-самоубиец, детонирани во близина на хотелот Сахафи, кој се наоѓа спроти Одделот за кривични истраги на националната полиција на Сомалија.
Според ДПА, по експлозиите се слушнале истрели од автоматско оружје.
– Досега потврдивме дека загинале 17 цивили – изјави полицискиот службеник Али Нур.
Тие патувале во јавни возила на местото на настанот кога се случиле експлозиите и пукањето од огнено оружје. Бројот на жртвите сигурно ќе се зголеми, истакна Нур.
ДОПОЛНЕТО
Најмалку 13 цивили и шестмина терористи се убиени кога три автомобил-бомби експлодираа во близина на хотел во главниот град на Сомалија, Могадишу, соопшти денеска локалната полиција.
Во нападот се повредени и 15 лица кога борци на исламистичката терористичка група Ал-Шабаб активираа две автомобил-бомби пред хотелот „Сахафи”, кој е посетуван од владини претставници и други членови на елитата на Сомалија, изјави полицаецот Али Хасан Кулмие за ДПА.
Двајцата милитанти, кои ги возеле автомобилите со експлозив, загинаа за време на експлозијата, додека четворица борци, кои се обидувале да го погодат хотелот беа убиени од страна на обезбедувањето на хотелот, изјави за ДПА Ахмед Башан, припадник на локалната полиција.
Третата бомба била скриена во празен автомобил, оставен на блискиот паркинг, соопшти полицијата.
Околните згради, вклучувајќи го и хотелот „Хајат“ и Централната истражна служба се оштетени од силните експлозии.
Крстосницата, на која се случија експлозиите, позната како „Километар 4″, е исто така блиску до силно чуваниот аеродром во Могадишу.
Набргу по експлозијата, Ал Шааб ја презеде одговорноста за нападот.