Директорски кабинет придружен со мал апартман и дневна соба, соба за медитација и купатило со туш кабина, како и сала за состаноци со звучна изолација и посебна соба за релаксирани разговори исто така звучно изолирана. Сето тоа проследено со луксузен мебел и ентериер. Дополнително, еден кат од зградата е планиран за фитнес центар, а последниот кат каде што се конференциските сали и ресторанот има балкони од кои панорамски може да се гледа градот.
Ова е дел од она што новинарите денеска можеа да го видат во новата зграда на ЕЛЕМ на улица Македонија, на која останува да се доврши еден отсто од работите за да може технички да биде пуштена во употреба. Но и покрај тоа не се знае кога ЕЛЕМ ќе ги добие потребните документи за да може да се всели во зградата.
– Градежните работи на зградата се речиси 99 отсто завршени, но има одредени делови кои се оставени, а без кои зградата не може да биде официјално комплетирана, да има употребна дозвола и да биде направен технички прием, како неопходен услов за да може да се користи – информираа од ЕЛЕМ.
Од ЕЛЕМ информираат дека промени на планот за внатрешниот изглед на зградата се правени повеќепати, но при тоа не била комплетирана документацијата со соодветни дозволи, па сега е тешко да се добие дозвола за технички прием. Досега не била добиена ниту дозвола од Институтот за земјотресна сеизмологија, што е предуслов и за добивање редица други дозволи кои не биле навремено прибавени.
Станува збор за вградување делови од инсталациите кои или не се опфатени во договорите за изведба, или се појавувале како последица на измени во градбата што се правени во текот на градењето. Таков проблем се јавил и со четвртиот кат каде што дополнително требало да се зајакне железната конструкциија, оти според планот капсулата со дата центарот во зградата требало да се постави на петтиот кат наместо во некој од долните катови каде што конструкцијата на зградата е појака.
Зградата има три ката под земја кои се гаражен простор, но на последниот кат во земја извира вода за која дополнително се инсталирани пумпи кои ја испумпуваат. Интересно е што иако гаражите се функционални со вградени лифтови, колите не можат да влезат и да излезат од зградата оти излезот е под нивото на околните улици, а замислениот влез води кон паркот на соседните згради. Раководството сега размислува да постави лифт и за влез и излез од гаражите на улица, само да не се уништи паркот во центарот на градот. Но, тоа ќе им прави проблем на вработените при доаѓање и одење од работа, бидејќи на лифтот му треба две минути да се искачи и да се спушти кола до нивото.
ЕЛЕМ во 2013 година почна да ја гради нова деловна зграда на улица Македонија бб. Градбата на оваа зграда почна во 2013-та, иако подготовките се почнати неколку години пред тоа, но во 2013 ЕЛЕМ на тендер ја избра австриската фирма „Штрабаг“, која требаше за 9.800.000 евра да ја заврши зградата за година и пол. Но во тој период и со дополнителни 2.600.000 евра, зградата не е завршена. ЕЛЕМ во 2015 распишува нов тендер на кој победува нова фирма, ОЗОН, за нови 2.200.000 евра и 6 месеци рок за завршување. И таа влегува во објектот, и во моментов и двете фирми се на објектот, секоја со свои одредени недовршени работи и недовршена зграда.
Сумирано, зградата првично требало да чини 9.800.000 евра. Во текот на градбата цената се зголемува на 14.600.000 евра, односно се зголемува за 48,4 отсто.
Дополнително на ова се и трошоците за изработка на основен проект, 50-тина илјади евра, назорот на градбата, кој го врши градежниот институт Македонија АД Скопје чинел 30-тина илјади евра и за мебел се потрошени 470.000 евра.
За зградата се платени комуналии од 980 илјади евра.