Харадинај: Таксите за српските производи може уште да се зголемуваат

Харадинај денеска им изјави на новинарите дека одлуката е одговор на однесувањето на официјален Белград кон косовската државност.

202

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај порача денеска дека, и покрај критиките од Европската унија, Владата нема да ја повлече одлуката за зголемување на таксите за увоз на производи од Србија и Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај денеска им изјави на новинарите дека одлуката е одговор на однесувањето на официјален Белград кон косовската државност.

– Не ја донесовме оваа одлука ниту со многу желба ниту со аргонација, ниту пак имаме некои пропагандистички намери. Ние сме на мака од Србија, со која сме и во дијалог, која е и кандидат за ЕУ и отвора поглавја. Таа јавно и практично им се заканува на семејствата во нашата земја, на припадниците на Безбедносните сили на Косово (ФСК), на Србите, но не само на Србите – изјави Харадинај.

Според косовскиот премиер, таквото однесување на Белград претставува криминал и тоа мора да се запре, а за таа цел не го исклучи ни дополнителното зголемување на таксите за увоз од Србија.

– Кога на тоа ќе ја додадеме и деструктивноста на меѓународен план на министерот за надворешни работи на Србија, како и други дејствија, ние бевме принудени да донесеме таква одлука, значи не е дека сакавме да го направиме тоа. Меѓутоа, тоа не е максимално дејство од наша страна, тоа е само првична мерка која може да расте, може да се преземат и други мерки и тие не се привремени. Додека тие не го сменат односот, и ние нема да ги смениме нашите ставови – рече Харадинај. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...