Конгресменот кој заговараше поделба на Македонија изгуби на изборите во САД

239
ФОТО: МИА

Американскиот републикански конгресмен Дејна Рорабакер, кој за македонската јавност стана познат по скандалозната изјава дека Македонија е нефукционална држава и треба да се подели, не беше реизбран за член на Претставничкиот дом на САД во неговиот изборен округ во Калифорнија.

Во округот Оринџ, каде Рорабакер беше избиран за член на Претставничкиот дом уште од 90-те години на минатиот век, на изборите во вторникот со тесна разлика победи неговиот демократски портивкандидат Харли Роуда.

Рејтингот на Рорабакер, познат како „омилениот конгресмен на Путин“ се намали откако тој лани гласаше за укинување на здравствено осигурување, усвоено од претходникот на претседателот Доналд Трамп, Барак Обама, познато како „Обамакер“

Рорабакер, кој е член на Претставничкиот дом е повеќе од 20 години, е познат како едниствениот член во Конгресот кој отворено ја критикува антируската политика на САД.

Во март 2014 година, тој и уште 18 други конгресмени гласаа против санкциите кон Русија поради руската анексија на Крим. Рорабакер во 2012 лобираше и против донесувањето на Законот „Магнитски“, законски проект кој ги санкционира руските олигарси и високи државни службеници за кршење на човековите права во Русија.

Неколку пати беше дел од групи на американски законодавци кои одеа во посета на Москва.

Поради неговите проруски ставови, Рорабакер, кој беше претседател на Поткомитетот на конгресниот Комитет за надворешни работи за Европа и Евроазија, лани беше сослушан и од специјалниот обвинител Роберт Малер за наводната руска вмешаност во претседателските избори во 2016 година.

Во Македонија тој стана познат по изјава дадена лани за албанската телевизија „Визија Плус“ дека нашата земја е нефункционална држава и треба да се подели помеѓу Косово и Бугарија.

По низата реакции од министерствата за надворешни работи на Македонија и Бугарија, како и од Европската Унија и од официјален Вашингтон, тој го измени својот исказ, велејќи дека Македонија треба да опстои, но да се подели на два дела по теркот на поранешна Чехословачка.

ФОТО: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...