Милијардерот, филантроп и основач на Мајкрософт, Бил Гејтс, донел тегла со човечки измет на сцената во Пекинг, како дел од неговата презентација на саемот Реинвентед тоилет Експо. Таму Гејтс ги претставил новите технологии кои би требало да се користат во тоалетите.
Како што обелодени Би-би-си Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс во овие седум години потрошила повеќе од 200 милиони долари за истражувања на овие производи.
Додека Гејтс говорел, во позадина на екранот се претставени најсовремените санитарни производи кои се наменети за уништување на штетните бактерии и спречување на болести.
-Морам да признам, пред 10 години не можев ниту да замислам дека денес ќе знам толку многу за изметот – се пошегувал Гејтс на конференцијата.
-И никогаш не помислував дека Мелинда ќе ме преколнува за време на вечера да престанам да зборувам за тоалети и фекалии – продолжи тој.
Гејтс додал:
„Веќе не е прашање дали можеме да произведеме нови санитарни уреди кои би спречиле разни болести, туку прашање е колку брзо новите производи ќе се наметнат во секојдневната употреба“.
Претставените производи основачот на Мајкрософт ги опишал како „најзначаен напредок во производството на санитариите“.
Според Гејтс, тегла измет може да содржи дури 200 трилиони ротавирусни клетки, 20 милијарди бактерии шигела и 100.000 разни паразити.
Од Светската здравствена организација (СЗО) алармираат дека 2,3 милијарди луѓе во светот сѐ уште немаат пристап до основни санитарни услови, состојба која може да предизвика разни болести како колера, дијареа и дизентерија. Овие заболувања секоја година убиваат стотици илјади луѓе.
Гејтс зборуваше и за тоа колку многу луѓе немаат основни санитарни услови и дека канализациските одводи се застарени.
-Во богатите земји имаме одводни канали кои чистат дел од нечистотиите, а речиси во сите случаи постојат постројки за преработка на фекалии.Имаме многу градови каде што живеат сиромашни и канализацијата не е целосно изградена во нив, а, голема е веројатноста дека никогаш нема ни да биде. Дали може нешто да се направи? Може ли човечкиот отпад еколошки да се санира без канализацискиот систем – се запрашал Гејтс.
Фондацијата Гејтс се надева модерните тоалети прво да бидат вградени во јавните институции како училишта, а нивната цена постепено ќе се намалува, па се очекува тие да бидат достапни и во домаќинствата.