Изградбата на преносниот гасоводен систем во Скопје е при крај

Развојот на дистрибутинвата мрежа треба да претставува приоритет во наредниот период со цел да им се даде можност на домаќиснтвата да го користат природниот гас, пред се за загревање, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.

629

Дистрибутивната гасоводна мрежа во Скопје може брзо да се изведе и природниот гас да стигне до домаќинствата. Гасоводниот престен или преносниот систем на кој треба да се надоврзе дистрибутивната мрежа ГАМА во Скопје се привршува и постои можност да почне да се гради дистрибутивната мрежа и веќе наредната грејна сезона да бидат приклучени дел од потрошувачите.

Ова го истакнува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски посочувајќи на примерот на изградбата на дистрибутивната мрежа во Струмица.

– Гасоводниот прстен што го гради ГАМА во Скопје се привршува и постои можност да се гради и дристрибутивна мрежа. Во Скопје постои преносна мрежа што е во сопственост на АД ГАМА, но за да дојде директно до потрошувачите потребно е да се изгради дистрибутна мрежа за природен гас. Верувам дека изградбата на дистрибутивната мрежа може да оди брзо, особено во деловите каде има соодветна планска документација и верувам дека брзо ќе започне. Би можело да бидат приклучени за наредната зима дел од потрошувачите – изјави Бислимовски пред денешната подготвителна седница на Регулаторната комисија за енергетика.

На седницата се расправа за правилата за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во електропреносниот систем во РМ за 2019 година, како и за правилата за алокација на прекугранични преносни капацитети.

Тој посочи дека Град Скоје формираше претпријатие кое меѓу другото ќе се занимава и со гасификација на градот, што подразбира изградба на дистрибутивна мрежа што треба да дојде до крајните потрошувачи, односно домаќинствата кои треба да ги искористат бенефитите не само за греење, туку и за другите апарати како бојлери и шпорети.

Бислимовски истакна дека за цената на греење сега не може да се говори, но дека ќе биде конкурентна, бидејќи праксата покажува дека греењето со парно, барем онаму каде што е БЕГ, за индивидуалните домаќинства е со повисока цена.

– Во поголемиот дел од Скопје начинот на загревање е решен преку системот за топлинска енергија, а нашите искуства со цената за топлинска енергија во куќи покажува дека, барем онаму каде што загрева БЕГ се високи и се покажува дека не е исплатливо за домаќинствата. Од овие преичини, гасификацијата, односно развојот на дистрибутинвата мрежа треба да претставува приоритет во наредниот период со цел да им се даде можност на домаќиснтвата да го користат природниот гас, пред се за загревање – рече Бислимовски.

Притоа порачува дека треба да се обрне внимание на трошоците за приклучок кон оваа дистрибутивна мрежа, односно предлгаат тие да бидат што е можно пониски во однос на реалната цена за приклучокот, а разликата да ја плаќа соодветната општина или Градот Скопје.

– Треба да се обезбедат и финансиски средства што би им обезбедиле на домаќинствата да ја заменат својата опрема дома за да може да користат природен гас, вклучувајќи ги бојлерите, котли за греење, шпорети, фрижидери и слично и да им се даде можност на домаќинствата со цел да нема големо оптоварување да ги инвестира средствата дистрибутерот, а потоа тие да ги отплатат на повеќе години преку сметките со цел да се привлечат што е можно повеќе домаќинства да се приклучат – рече Бислимовски.

Тој додаде дека приклучувањето кон дистрибутивната мрежа може да се мотивира и со субвенции и на други начини.

Засега, како што посочи Бислимовски, не може да се каже цената на природниот гас, бидејќи не е позната цената за дистрибуција. Појасни дека треба да се направи дистрибутивната мрежа па да се пресметаат трошоци за да се знае колку ќе биде тој трошок, но, како што додаде, верува дека ќе биде конкурентен за да може потрошувачите да пореминат од греење на дрва на природен гас.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...