Ѕвезденото небо повторно светна за Тоше

278

Незаборавните песни на најголемата музичка ѕвезда Тоше Проески два и пол часа одекнуваа од грлата на осумилјадната публика, што ја исполни ВИП Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, на хуманитартниот концерт што се одржа во негова чест во петокот.

Наплив од измешани емоции, солзи, насмевки, громогласни аплаузи и пеење во еден здив на песните на Тоше од многубројната публика. Недостасуваше само тој – великанот со најголемото срце Тоше Проески.

Концертот започна со неговиот можеби најголем хит, „Игри без граници“, односно песната за која не успеа да сними спот, бидејќи загина одејќи на пат токму за тоа.
Публиката, заедно со изведувачите не престана да ги пее сите негови најголеми хитови.

Љубовта која ја чуваме и негуваме кон Тоше и неговата музика повторно и по 11 години од неговото физичко заминување ги сплоти неговите обожаватели и пријатели од музичката индустрија.

Во комплетно исполнетата Арена „Борис Трајковски“, дел од македонските и балканските музички ѕвезди ги пееја неговите познати рефрени во еден глас заедно со присутната публика. Каролина Гочева, Наум Петрески, Даниел Кајмакоски, Тамара Тодевска, Тијана Дапчевиќ, Александар Тарабунов, Антонија Гиговска, Александра Јанева, Владо Калембер, Бојан Маровиќ, „Фрајле“, Александра Радовиќ, Борис Новковиќ се дел од пејачите кои настапија на емотивниот и спектакуларен концерт. Сите изведувачи беа придружувани од бендот на Тоше, кој го следеше долги години насекаде, а специјално за публиката ја изведе песната „Срце није камен“.

Концертот заврши со промоција на видеоспотот за песната „Secret place“ и со зборовите на Тоше постојано ги изговараше „Ве сакам од срцето и од душата“.

 

фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...