Гутереш: Заедно да застанеме во одбрана на новинарите

Годинава се убиени најмалку 88 новинари, а неколку илјади беа нападнати, приведени или уапсени поради лажни обвиненија.

40
ФОТО: EPA/CYRIL ZINGARO

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш изјави дека е загрижен поради се поголемиот број напади на новинари и ги повика владите на земјите и меѓународната заедница да ги заштитат новинарите и да обезбедат неопходни услови за нивната работа.

Во соопштението објавено на страницата на ОН по повод 2 ноември, Меѓународниот ден за борба против неказнивоста на злосторствата над новинарите, Гутереш истакна дека општеството ја плаќа цената кога новинарите се мета.

– Им оддавам почит на новинарите кои секојдневно ја работат својата работа и покрај заплашувањата и заканите. Нивната работа и работата на нивните убиени колеги потсетува дека вистината никогаш не умира, ниту нашата посветеност на основното право на слобода на изразување – истакна Гутереш.

Тој потсети дека во последните десет години се убиени повеќе од илјада новинари додека ја извршувале својата „неопходна работа“ и дека девет од десет случаи се нерешени и никој не одговарал за тоа.

Според Гутереш, само оваа година се убиени најмалку 88 новинари, а неколку илјади беа нападнати, приведени или уапсени поради лажни обвиненија.

– Новинарките се во поголем ризик да бидат мета, не само поради своето известување, туку и поради полот, вклучувајќи и сексуални закани, рече Гутереш.

Тој нагласи дека известувањето не е злосторство и дека „заедно мора да се застане во одбрана на новинарите, вистината и правдата“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...