Европската унија, Франција, Германија и Велика Британија денеска во заедничко соопштение порачаа дека „жалат поради одлуката на Вашингтон повторно да воведе санкции кон Иран“.
– Наша цел е да се заштитат европските економски учесници кои имаат легитимна трговска размена со Иран, во согласност со европското законодавство и Резолуцијата 2231 на Советот за безбедност на Обединетите нации, се наведува во соопштението на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини и министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Британија.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп најави повторно враќање на санкциите кон Иран, кои беа укинати по потпишувањето на Договорот за иранската нукеларна програма во 2015 година.
Како што соопштија денеска државниот секретар на САД, Мајк Помпео и министерот за финансии Стивен Мнучин, санкциите се однесуваат на транспортниот, финансискиот и енергетскиот сектор на Иран.
Санкциите ќе важат од понеделник, а ќе бидат казнувани и државите кои нема да престанат со узвоз на иранска нафта, како и странски компании кои соработуваат со иранските фирми што се наоѓаат на т.н, американска „црна листа“.
Ова се втор пакет санкции откако со одлука на Трамп во мај оваа година САД се повлекоа од нуклеарниот Договор со Иран.
Осум, засега неименувани, земји ќе бидат изземени од санкциите и ќе им биде овозможен привремен увоз на иранска нафта.
Според Помпео и Мнучин, санкциите ќе важат се додека Иран не престане да го поддржува тероризмот, не се повлече од Сирија и целосно не ја прекине својата програма за развој на нуклеарно оружје и балистички ракети.
Властите во Техеран денеска соопштија дека Иран не е загрижен поради повторното воведување на американските санкции за нафтениот и финансискиот сектор на земјата.
– САД нема да можат да спроведат никакви мерки против нашата голема и храбра земја… Ние имаме знаење и способност да ги водиме економските работи на земјата – изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Бахрам Касеми.
Фото: МИА