Државните хартии од вредност ќе котираат на Македонската берза најави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски на Шестиот Ерсте инвеститорски појадок.
– Министерството за финансии е во преговори со Македонска берза државните хартии од вредност да почнат да котираат на берзата. Тие ќе станат достапни и за странските институционални инвеститори. Зголемената побарувачка ќе придонесе да се намали каматниот трошок на државата. А, ќе се зголеми и ликвидноста и транспарентноста со секундарното тргување – рече Тевдовски.
Тој рече дека Министерството ја следи европската практика на пазарот на капитал и најави дека Зконот за хартии од вредност ќе биде заменет со два нови закони.
– Со нив ќе се подигнат стандардите за транспарентност на пазарот и ќе се воведе повисоко ниво на заштита од злоупотреби согласно со европската практика. Во дизајнирањето на реформите значајна улога има и Советот за развој на пазарот на капитал, каде покрај регулаторите членуваат и асоцијациите на банки, хартии од вредност, осигурување и инвестициските фондови – рече Тевдовски.