Премиерот Андреј Бабиш изјави дека сака Чешка да се повлече од договорот на ОН за миграција и за тоа ќе разговара со коалицискиот партнер, објавено е на чешката веб-страница Иднес.
Изјавата следи откако вчера Австрија соопшти дека ќе ги следи САД и Унгарија, кои се повлекоа од договорот на ОН, поради загриженоста дека тој ќе ја замагли линијата помеѓу легалната и илегалната миграција.
Министерот во полската ултраконзервативна влада исто така ѝ препорача на својата земја да го напушти договорот.
Договорот за глобална миграција во јули беше прифатен од сите 193 членки на ОН, освен од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој минатата година се повлече од договорот.
Бабиш им рече на пратениците дека договорот не му се допаѓа и дека на коалицискиот партнер, Социјалдемократите ќе им предложи да се повлечат од договорот.
Чешка е во согласност со средноевропските соседи, како што се Унгарија и Полска во задржување на силен анти-имигрантски став, додека Европската унија се бори да го запре приливот на бегалци кои бегаат од војната и сиромаштијата, особено на Блискиот Исток и во Африка.
Средноевропските земји одбија да го поддржат бриселскиот систем на квоти според кој барателите на азил би се поделиле меѓу сите членки на Европската унија, план кој беше отфрлен претходно оваа година.