Роберт Боуерс, обвинет за пукањето во синагогата во Питсбург, во американската сојузна држава Пенсилванија изминатиот викенд и за убиство на 11 луѓе, се изјасни дека не е виновен и бара судење пред порота, објавија локалните медиуми во четвртокот од судницата.
Четириесет и шестгодишниот Ноуерс, обвинет е во средата по 44 точки од обвинението, вклучително и за злосторство убиство од омраза, што значи дека доколку биде осуден, би можел да добие смртна казна.
Весникот USA Today објавува дека Боуерс можел во четвртокот да оди во судницата. Во текот на првото негово изведување во судницата во понеделникот, тој беше во количка, поради повредите здобиени во престрелката со полицијата во обидот да биде уапсен по масакрот.
Роберт Боуерс, влегол во синагогата „Дрвото на животот“ во Питсбург и со повиците „сите Евреи мора да умрат“, отворил оган врз верниците собрани на шабат, седмичниот неработен ден за јудеите. Боуерс по престрелка со полицајците, ранувајќи четворица од нив и откако самиот е ранет, се предал. Бил вооружен со јуришна пушка и со уште три парчиња оружје. Пренесен беше во болница.
Медиумите го најдоа осомничениот на социјалните мрежи и наведуваат дека станува збор за лице кое е следбеник на нацистите и на Адолф Хитлер. Покрај тоа, медиумите велат дека осомничениот искажувал омраза и кон американскиот претседател Доналд Трамп, за кого сметал дека се наоѓа „под контрола на Евреите“.
Меѓу другото, на социјалните мрежи напишал дека еврејската организација за бегалци Hebrew Immigrant Aid Society „сака да носи освоијувачи кои ги убиваат Американците“. „Не можам да стојам настрана и да бидам сведок на убиствата на моите луѓе. Доста ми е повеќе од вашата оптика, тргнувам“, напишал напшаѓачот на социјалната мрежа Gab, којашто е создадена како алтернатива за Twitter.
На Боуерс ќе му биде судено за антисемитски злосторства и му се заканува смртна казна, најави американскиот министер за правда Џеф Сешнс.