На пикникот во организација на Македонската православна црква „Св. Димитрија“ од Флорида, вчера беше претставено јубилејното издание на монографијата за македонскиот национален деец, иселеник и повратник од САД, Атанас Близнаков, чиј автор е публицистот Славе Катин.
Промоцијата се одржа по повод 40-годишнината од формирањето на фондацијата „Атанас Близнаков“ на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје..
Делото беше претставено пред голем број македонски иселеници од сите делови на Македонија, особено од Д’мбенското друштво и од селото Д’мбени, Костурско, од каде потекнува донаторот Атанас Близнаков.
Ова беше четврто претставување на монографијата „Атанас Близнаков“ на северноамериканскиот континент. Делото е посветена на животот и делото на најголемиот македонски донатор во иселеништвото Атанас Близнаков (15.12.1901 – 10.07.1998). Тој е еден од познатите и признатите македонски иселеници – повратници, кој ја формира најголемата фондација во Македонија, од која околу 350 студенти завршиле универзитетско образование.
Близнаков не бил обичен печалбар туку како личност настојувал да навлезе во суштината на македонската судбина, слобода и правдољубива идеја, гледајќи ги работите со многу сериозен пристап, со што се издигна над времето во кое живееше. Затоа со право се вели дека неговата фондација претставува пример, поттик и инспирација за Македонците во иселеништвото и во Република Македонија, рече авторот.