Фрустрацијата кога имаш помалку лајкови од Рангелова

4952
Многу ми се смешни деновиве „инфлуенсериве“ од сдсмовска провиниенција. Ги читам нивните инфантилни коментари на социјалните мрежи и не можам да се изначудам на таа забеганост.
Леле, па како тоа Рангелова да биде вест на денот? Срамота!
Леле, од каде ѝ е моралното право на таа Рангелова да поднесе оставка, па уште и да го критикува раководството на ВМРО-ДПМНЕ?
Леле, па кај смее еден Сашо Мијалков да напише отворено писмо? И како воопшто знае да напише? Кој му го напишал? Мора да е некој од нашите.
Итн, итн… Циркузи!
Имам впечаток дека сдсмовскиве „инфлуенсери“ ѝ завидуваат буквално на секоја девојчура што во дискотека ќе направи селфи со напучени усни и потоа на Фејсбук ќе освои неколку стотици лајкови. И се нервираат кога некој со обична, банална фотографија на Инстаграм ќе оствари поголемо „влијание“ од нивните мудролии на социјалните мрежи, со кои, како што веруваат, тие наводно го менуваат светот.
Абе циркузи, ви велам!
Тоа е таа опседнатост со наводната моќ на „највлијателниот“ информативен канал на денешницата – Фејсбук. Тоа е таа инфантилна и речиси патолошка потреба постојано да се биде во центарот на вниманието. Таа заблуда дека само на таков начин се остварува секакво друго, па и доминантно општествено и политичко влијание.
За жал на „инфлуенсериве“, а за среќа на политичкиот процес, сдсмовциве во моментов баш и не се интересни, не се „тренди“, не се „кликбајт“. И опасно патат поради тоа. Вниманието сега е насочено кон нивните политички конкуренти, кон луѓето од партијата која сега доживува криза, катарза и можна трансформација.
Но, нека не патат дечките од СДСМ и шарените револуционери. Барем не толку. Како што тргнале работите, ќе се вратат тие пак во насловните текстови и на насловните страници. Таму каде што и беа пред оваа драма во ВМРО-ДПМНЕ.
Не баш по арно, ама тоа. Животот е борба за лајкови, зарем не?!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...