Премиера на „Осамениот Запад“ од Мартин МекДона

126

Театарот на Навигаторот Цветко ја најави премиерата на театарската претстава „Осамениот Запад“ од Мартин МекДона на 2 ноември 2018 во Кино Култура од 20 часот.

Репризно издание на претставата ќе има во сабота, 3 ноември, во 20 часот.

Режијата е на Јане Спасиќ. Играат: Оливер Митковски, Ненад Митевски, Драган Довлев, Матеа Јанковска. Сценографија: Енес Деари, костимографија: Бранкица Јордановска, превод на текстот: Горјан Милошевски и Јане Спасиќ. Дизајн на плакат: Немања Трајковиќ.

Преку црн ирски хумор „Осамениот запад“ раскажува приказна за двајца браќа кои под влијание на околностите имаат особен начин на гледање на реалноста и специфичен однос. Линејн е мало место кое морално ги корумпира своите жители, дури и Отецот/ Пасторот е немоќен да ги врати работите на „прав пат“. Единствената шанса е можеби во младата Грлин, но тоа останува да видиме.

Мартин МекДона, еден од најдобрите автори на Британската современа драма, на пошироката јавност познат и по своите филмови „In Bruges“, „Seven Psychopaths“ и „Three billboards outside Ebbing, Missouri“ за кој ја доби наградата за оригинално сценарио на Златен Глобус, а за истото беше номиниран за Оскар во 2018. Kариерата ја започнува како драмски автор и прави бум во Лондон со двете трилогии за земјата од која потекнува – Ирска. Четири негови драми меѓу кои и „Осамениот запад“ се номинирани за најпрестижната театарска награда „ТОНИ“. Тој е првиот драмски автор, по Шекспир, кому во Лондон истовремено му се изведуваат 5 драмски дела. „Осамениот запад“ е своевиден крај на неговата прва трилогија сместена во малото ирско гратче Линејн.

Оваа претстава е дел од проектот „Направете место за младите театарџии“ со кој Театарот на Навигатор Цветко и Кино Култура имаат цел да поттикнуваат нова театарска продукција и да афирмираат млади автори.

Проектот е поддржан од општина Центар и Министерството за култура на Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...