„Патриотите“ 10 дена крадат клупи од Жена парк за да го бранат името (ГАЛЕРИЈА)

3648

Дваесеттина пензионери кои секојдневно демонстрираат пред Собранието на РМ и го блокираат центарот на градот поради што со часови се создава голем сообраќаен метеж, ги одземаат клупите од Жена парк и ги користат како блокади на раскрсницата кај Градската болница.

Освен што злоупотребата на урбаната опрема се казнува со закон, се поставува прашањето како овие демонстранти кои едвај стојат на нозе успеваат да ги кренат клупите од паркот и да ги носат десетици метри за да ги постават како бариери на раскрсницата.

Револт од овие секојдневни блокади на центарот на градот за време на сообраќајниот шпиц кога граѓаните се враќаат од работа, се изразува и преку социјалните мрежи.

Иако сите се свесни дека граѓаните имаат право на протест, факт е дека во случајов правото на протест се злоупотребува и веројатно треба сериозно да се размисли како да се подобри Законот за јавни собири со цел стотици илјади граѓани да не бидат малтретирани поради апсурдни протести кои немаат никаква цел, ниту поддршка. Во случајов едвај се собираат дваесеттина граѓани, колку што по закон треба да бидат минимум за да почне и да се одвива протестот.

Граѓаните велат дека е недозволиво да се креваат клупите, кои се општо добро и се платени со народни пари, да се носат каде било, како и дека шаторите и импровизираните засолништа кои стојат веќе со години пред Собрание ја нагрдуваат сликата на центарот на градот.

– Од инспекторатот велат дека има пријави од граѓани за ваквите постапки. Инспекторите ќе отидат денес или утре на терен и ќе утврдат што е работата. Ќе видат кој вадел клупи и ќе казнат, ако има основа за казнување. Клупите ќе бидат вратени на место – рекоа за Плусинфо од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека не е дозволено да се креваат клупите и да се носат на други места.

Затворањето на главната улица пред Собрание што оди кон „Рекорд“, секој ден почнува некаде по 16 часот и трае неколку часа. Организаторите на протестот во полициската станица не пријавиле до кога ќе ги организираат протестите.

– Во полициската станица „Центар“ од страна на здружението на граѓани „Граѓанска иницијатива за здраво, достоинствено и возвишено живеење Преродба“ доставена е пријава за одржување на јавен собир со блокади почнувајќи од 22.10.2018 година во времето од 16-20 часот и во истата наведено е дека блокадите ќе траат сѐ до исполнување на барањето од 18.09.2018 година кое е доставено до Собранието и до Владата – велат од МВР.

Засега нема информации до кога овие демонстранти планираат да го тормозат цел град, ниту кој го финансира ова Здружение засегнато од уставните измени.

Повеќе:

Дузина пензионери го злоупотребуваат правото на протест и тормозат цел град

Шака луѓе прават сообраќаен хаос во центарот на Скопје ГАЛЕРИЈА

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...