Палестинското раководство соопшти дека повеќе нема да ја признава Државата Израел и се очекува на денешната средба да дискутира како да го спроведе тоа решение.
Палестинскиот централен совет, еден од органите на Палестинската ослободителна организацијата (ПЛО), синоќа одлучи времено да прекине каква било соработка со Израел, вклучително и за безбедноста и за економијата, додека Израел не ја признае палестинската држава.
– Сега Извршниот комитет на ПЛО ќе разговара за таа одлука – изјави генералниот секретар на организацијата Саеб Ерекат.
Според него, ќе се разговара за процесот за спроведување на одлуката на состанокот предводен од палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Минатата година Централниот комитет на ПЛО реши да ја прекине секоја соработка со Израел за безбедноста, поради кризата поврзана со едно од светите места и за муслиманите и за евреите – Куполата на карпата или Ридот на храмот. Таа одлука никогаш не беше спроведена во пракса.
ПЛО го критикува Израел дека не се придржува кон обврските од Договорот од Осло.
– Поради континуираното одбивање на Израел да ги почитува потпишаните договори и обврски кои произлегуваат од нив, Палестинскиот централен совет одлучи да ги прекине обврските на ПЛО и на палестинската автономна власт кон нејзините договори со окупациската сила (Израел), се вели во соопштението.
Израел ја окупираше источната половина на Ерусалим, Западниот брег и Појасот Газа за време на Шестдневната војна во 1967 година. Палестинците сакаат овие територии да бидат дел од нивната идна држава.