Македонците штедат и покрај ниските камати

Повеќе се штеди во денари, а се зголемуваат и депозитите на долг рок.

236

Македонските граѓани негуваат култура на штедење во банкарскиот сектор. Повеќе се штеди во денари, а се зголемуваат и депозитите на долг рок. Штедните влогови се сигурни и безбедни, а банките имаат доволно ликвидни средства.

Ова беше истакнато денеска на одбележувањето на 31 октомври – Денот на штедењето, на кое министерот за финансии Драган Тевдовски ги повика банките да ги поддржат проектите на компаниите и во следниот период да пласираат повеќе средства во стопанството и да инвестираат во издржани проекти што се важни за економијата.

– Светскот ден на штедење го дочекуваме со високо ниво на штедни влогови од 345 милијарди денари или 5,6 милијарди евра, со годишен раст на вкупните депозити од речиси 11 отсто. Ова се добри вести Депозитната маса е важна за стабилноста на финансискиот систем. Депозитите влијаат на придвижувње на економијата. Зголемената ликвидност на банките придонесува за повисоко ниво на кредитирање. Тоа пак влијае на растот на приватната потрошувачка и инвестициската активност на фирмите, што на крајот резултира со динамизирање на економскиот раст – рече министерот.

Гувернерката на НБРМ Анита Ангелоска-Бежовска истакна дека во последните 10 години вкупните депозити растат со стапка од околу осум отсто во просек на годишно ниво, што придонесува за зголемување на штедењето за околу 10 процентни поени на нивото од 55 од БДП во 2017 година.

– Фактот што депозитниот раст беше остварен во услови на глобалната криза и повеќе економски и политички шокови е потврда за високата доверба на граѓаните во банкарскиот сектор, што во целиот период остана здрав, стабилен, високо капитализиран и ликвиден покажувајќи висока способност за успешно справување со шокови – рече гувернерката.

Таа додаде дека растот на депозитите обезбеди солидна основа за раст на кредитната активност и продлабочување на финансиското посредување за околу осум процентни поени во изминатите десетина години до нивото од 48 отсто од БДП во 2017 година.

Гувернерката рече и дека и покрај позитивните трендови видлива е потребата од натамошно зголемување на вкупното домашно штедење и поттикнување на домашното штедење заради намалување на јазот помеѓу домашното штедење и инвестициите.

– Имајќи предвид дека и покрај позитивните поместувања, стапката на домашно штедење во македонскта економија и натаму е под просекот и меѓу пониските стапки во земјите од Централна и ЈИЕ, неопходен е активен придонес од сите засегнати страни. За банките тоа значи постојано унапредување на понудата на штедни производи што ќе бидат ценовно конкурентни, но и приспособени на потребите на обичниот штедач и во чекор со предизвиците на современото време -рече гувернерката на НБРМ

Претседателот на Македонската банкарска асоцијација Коста Митровски ги увери граѓаните дека за нив е најважно парите во банките да бидат сигурни и стабилни и да добијат каматата што е договорена и дека тие како банкари тоа им го даваати сега и ќе продолжат и во иднина.

– Банките се стабилни, професионални, ликвидни и профитабилни – истакна Митровски.

Тој додаде дека банкарскиот сектор останува стабилен и со определба да се работи на задржување на стабилноста.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...