Околу 60 отсто помалку диви животни во светот

117

Популацијата на диви животни е намалена за 60 отсто во периодот од 1970 до 2014 година, се наведува во извештајот на Светскиот фонд за природа, каде се алармира на драматично, континуирано губење и промени во биодиверзитетот.

За извештајот „Жива планета“, кој Светскиот фонд го изработи заедно со Лондонското зоолошко друштво, следени се 4.005 различни видови птици, риби, водоземци и влекачи.

Директорот на Фондот Марко Ламбертини изјави дека зачувувањето на природата треба да се сфати многу пошироко од заштита на тигри, панди и китови.

– Не може да постои здрава иднина за луѓето на планета со нарушена клима, исцрпени океани, уништена земја и опустошени шуми, на планета лишена од биодиверзитет – предупреди Ламбертини.

На целата планета е регистрирано исчезнување делови од фауната, но некои региони, како што е тропскиот појас, се посебно загрозени.

Во Десетиот извештај „Жива планета“ беше нотирано намалување на популацијата на дивите животни за 58 отсто, додека експертите во овогодинешниот извештај предупредуваат дека ситуацијата се влошила, со намалување од 60 проценти.

Зоната на Јужна Америка и Карибите бележат „застрашувачко“ намалување на популацијата од 89 отсто за 44 години, се наведува во документот. Во тој период исчезнале 23 отсто од фауната на Северна Америка и Гренланд, а во областа на Европа, Северна Африка и Блискиот исток има намалување од 31 процент.

На губењето биодиверзитет најмногу влијаат прекумерното искористување и земјоделството, што е резултат на тоа што луѓето имаат поголема потрошувачка. За намалувањето на дивата популација придонесува и намалувањето на бројот на природни живеалишта, загадувањето и климатските промени.

„Биодиверзитетот е од суштинско значење за здравјето на луѓето, благосостојбата, храната и безбедноста, како и стабилноста на економските и политичките системи ширум светот“, наведува Светскиот фонд за природа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...