Кинеската компанија „Цијин“ (Цијин Мајнинг Груп) е заинтересирана да го купи најголемиот српски стратешки рударски капацитет РТБ „Бор“, кој во првата половина од оваа година ќе се продава преку тендер.
На денешната средба меѓу преставниците на „Цијин“ и српскиот претседател Александар Вучиќ, како што соопштија од неговиот кабинет, кинеската компанија изразила заинтересираност за учество на тендерот и за стратешко партнерство во РТБ Бор, но и за целиот регион „со цел да инвестираат повеќе стотина милиони долари во модернизација на производството и реструктуирање на компанијата според највисоките светски стандарди“.
Компанијата „Цијин Мајнинг Груп“ е најголем кинески производител на злато, втора по големина во производството на бакар и трета по големина во производство на цинк.
Покрај кинската компанија, за стратешко партнерство во РТБ Бор, како што неодамна изјави министерот за рударство и енергетика Александар Антиќ, заинтересирана е и една од најголемите руски компании за производство на бакар „Рашн копер компани“ од Екатерингбург, како и уште една компанија од Канада.
РТБ „Бор“ годишно преработува околу 20 милиони тони бакарна руда и во Србија е единствен производител на бакар и на благородни метали, како што се златото и среброто.
Кон крајот на февруари од РТБ „Бор“ соопштија дека во 2017 година имале нето добивка од 42,3 милони долари, годишниот приход изнесувал 302 милиони долари, а расходите биле 218 милиони долари, со што според компанијата се „повлекуваат од зоната на српските загубари“.