Автобус со патници од Косово е каменуван од засега непознати лица синоќа во Србија, во градот Крушевац, јави дописникот на МИА од Приштина.
Еден од патниците во автобусот, Ука Халилај, изјави за Косовската радио-телевизија (РТК) дека нападот со камења, при што е распукана шофершајбната на автобусот, се случил минатата ноќ околу 22:20, а припадници на српската полиција пристигнале на местото на настанот 15 минути подоцна.
– Нападот ги потресе многу сите патници. Автобусот запре 300 метра подалеку од местото каде што бевме нападнати – изјави Халилај.
Автобусот сообраќа на релацијата Приштина-Виена и по увидот на полицијата го продолжил патот.