Собраниската матична Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи расправата по предложениот ребаланс на Буџетот за 2018 година со кој се врши минимална корекција на неговата приходна и расходна страна и се обезбедува дополнителна поддршка на општините, Фондот на ПИОМ, Фондот за здравствено осигурување. Дефицитот останува непроменет, а стапката на раст е ревидирана на 2,8 отсто.
Предложениот ребаланс вчера го образложи министерот за финансии Драган Тевдовски, кој рече дека измените се подготвени следејќи ја политичката ситуација во земјава согласно движењата на македонската економија, како и реализацијата на приходите и расходите.
– Со ребалансот на Буџетот на Република Македонија за 2018 година се врши минимална корекција на приходната страна на буџетот и приспособување на одделните делови од буџетската потрошувачка до крајот на годината. Притоа поставените цели на фискалната политика за 2018 година и понатаму остануваат непроменети, односно во целост се дизајнирани во функција на постигнување на клучните цели и приоритети на општеството: повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на вработеноста, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО – рече Тевдовски.
Тој потенцира дека реализацијата на буџетските приходи е одлична споредбено со минатата година и оти тоа упатува на тоа дека со сигурност може да се каже дека тоа што е предлог во овој ребаланс ќе биде остварено.
Приходната страна, потенцира министерот, е целосно безбедна и сигурна.
Според него, важно е да се истакне дека Владата со овој ребаланс обезбеди околу 50 милиони евра за финансиска поддршка на општините за да сервисираат значителен дел од нивните неизмирени обврски како и на дел од неизмирените обврски на единките корисници основани од нив.
Со ребалансот Владата ја ревидира стапката на раст од 3,2 на 2,8 проценти. Вкупните приходи се планира на ниво од 192,5 милијарди денари, додека вкупните расходи на 210,5 милијарди денари. Дефицитот останува непроменет и изнеусва 2,7 отсто од БДП.
Во расправата пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го оценија ребалансот како нереален и оти економскиот раст е неостварлив.
Пратениците од владејачкото мнозинство позитивно ја оценија реалокацијата на средствата за општините кои имаат долгови и кои главно се наследени. Тие изразија задоволство што со ребалансот ќе бидат надминати повеќе проблеми во повеќе општини.
Расправата во Комисијата треба да трае најмногу 10 работни дена.