Светски познатиот готвач Џејми Оливер веќе извесно време има сериозни финансиски проблеми. Откако неговиот синџир на ресторани лани се најде пред банкрот, омилениот англиски готвач вложи дури 12,7 милиони фунти, што, како што изјави, била сета негова заштеда, а со цел да го спаси своето бизнис царство.
Но таквото вложување оставило сериозни последици, па Џејми денес веќе нема ни фунта, пишува „Дејли мејл“.
– Немам веќе пари за дополнителна поддршка на рестораните – признал Џејми.
Кога го прашале дали повторно би се одважил за исто вложување, Оливер рекол:
-Не, бидејќи на сметката нема ништо. Не смеам веќе да ризикувам и да ги загрозам луѓето што работат за мене – заклучил готвачот.
Инаку, првиот ресторан наречен „Џејмис италијан“ овој популарен готвач го отвори во 2008 година, а на почетокот на оваа година беше принуден да затвори 12 ресторани поради долг од дури 71,5 милиони фунти. Отказ добиле 600 луѓе.
Животен предизвик
Четириесет и тригодишниот Џејми Оливер, кој е татко на три деца, сепак вели дека не е шворц, но дека во свој џеб веќе нема пари што се неопходни за одржување на неговиот синџир ресторани.
Кулинарската и телевизиска ѕвезда според некои извештаи „тежела“ 240 милиони фунти, најмногу благодарение на неговите книги за готвење и рестораните.
Веста за тоа дека неговиот паричник е празен, доаѓа откако тој последните 18 месеци ги опиша како „предизвикувачки“.
Британските медиуми годинава пишуваа дека Џејми му должел на персоналот 2,2 милиони фунти, а лани работел со загуба од 10 милиони. По веста дека Џејми должел 41,3 милиони фунти на кредитори, сопственици на простор и добавувачи, тој затвори 12 ресторани.
Џејми поседуваше вкупно 25 ресторани во Британија и 28 во Америка и во Австралија.