„Милион милји време“ е насловена најновата колекција на дизајнерката Лидија Георгиева создадена во атмосфера на патување и во рамките на едногодишно континуирано патување низ Европа. Дел од моделите дури се работени во автомобил во движење, некаде низ континентот…
Пробивањето на личните и општествените ѕидови и бариери, уживањето во неограниченоста, потрага по слободата, слобода на изразот и силното чувство на слобода кога патуваме се тема на оваа јубилејна колекција на Георгиева.
Креациите ги содржат препознатливите елементи на изградениот стил на дизајнерката – луксузни материјали, тантели, плетени дизајни, како и отпечатоци.
Силуетите се раскошни, боемски и елегантни, а во некои од нив се за првпат презентирани и дизајни од ексклузивната соработка со францускиот бренд Фејмс – колекција рачно плетени модели.