Концерт во чест на Никола Бадев во Кавадарци

138

Концерт во чест на доајенот на македонската народна песна, Никола Бадев, се одржа синоќа во Домот на културата “Иван Мазов-Климе” во Кавадарци. Настанот беше во рамките на одбележувањето на стогодишнината од неговото раѓање.

– Бадев е еден од најпознатите пеачи на изворни македонски песни. Амбасадор на нашата убава македонска песна, која со неговиот кадифен глас ја проширил надвор од нашите граници. Никој не можел да остане рамнодушен кога ги слушал неговите песни кои допирале длабоко до срцата и душата на секој, кој знаел да ги почуствува. Освен како пеач, Никола Бадев бил познат и како собирач на народни песни, а во 2006 година е издадена и збирка, промовирана на концерт одржан во чест на големиот великан на народната песна – рече Марија Михова, историчар во Музејот.

Првиот настап го имал во Радио Скопје во 1948 година.

– Оттогаш, тоа ретко грло ги испеало познатите најлирски песни, пеел за копнежот на вљубените, оживувал ликови и војводи. За своите 58 години живот, стана вистински народен уметник, кој самиот рекол “Песната е мојот живот“. “Параходот” стана негова лична карта и химна на Кавадарци. Во 1976 година Никола Бадев замина од овој свет, а со својата интерпретација остави неизбришливи траги во нашето творештво, ги испеа најлирските песни, ги разбуди најдлабоките чувства на слушателите и како птица го прелета светот на кој му раскажа дека на Балканот постои еден народ, мал по бројност но голем по своето културно, уметничко и историско богатство – нагласи Михова.

Сето она што во животот, додаде, не можело слободно да се каже, што требало да се премолчи и што морало да се преживее во себе, го нашло своето место во песната. “Песната, за Македонија е молитва, огледало на нејзината душа, нејзината воздишка“.

На концертот настапија професорот Радица Костадинова со “Ми заплакало селото Ваташа”, Трио Гранде со “Параходот“ и “Тешка беше нашата разделба“, групата “Мањифико“ со песните “Мајка на Марика думаше“ и “Многу е тешко верно да љубиш“, Пензионерскиот хор “Елегија“ општина Центар- Скопје со песните “Праша ли Тимке мајка ти“ и “Не се бели Маре мори“, пејачката група “Лоза“ при Здружение на пензионери од Кавадарци со песните “Вино пијам ем ракија“ и “Ах мори Маро девојче“, Блаже Богев со “Деспа стои на Дунава“, Петре Пењушков со “По фабриките на Германија“, Марјан Ѓорѓиовски со “Ацано млада невесто“, Трајче Спанџов со “Гина,Гина“. На самиот крај настапи КУД “Никола Бадев“ – Цвета Спанџова и сите учесници ја изведоа песната “Никола Бадев , легендо славна“.

Чествувањето беше реализирано на иницијатива и во соработка на музејот со градоначалникот Митко Јанчев, локалната самоуправа, Домот на културата, пензионерското здружение, најблиските на Бадев. Претходно, во новиот музеј беше отворена Спомен соба за Бадев.

Фото:МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...