Филмската суперѕвезда Џони Деп е исфрлен од филмот „Пиратите од Карибите“, во екот на најнови планови на студиото „Дизни“ за ангажман околу популарната франшиза, ексклузивно открива „Дејли мејл“.
Холивудскиот актер Деп беше водечки лик во пет продолженија на „Пиратите од Карибите“ во изминативе 15 години, но се чини дека капетан Џек Спероу своето последно патување го имаше на „Црниот бисер“.
Сценаристот на „Пиратите“ Стјуарт Бити е првиот што јавно потврди дека студиото „Дизни“ очигледно ќе го шутне Џони Деп и дека тие ја обработуваат целата франшиза.
Педесет и петгодишниот Деп, кому во последно време му се случуваат драми на приватен план, за последен пат го глумеше легендарниот капетан во „Мртвите не раскажуваат приказни“, што беше филм со најмал приход од останатите од франшизата. Инаку, сите пет продолженија на „Пиратите од Карибите“ заработија 4,5 милијарди долари на киноблагајните.
– Сметам дека Деп беше одличен. Очигледно тој ликот го направи свој и тоа стана лик по кој тој е најпознат сега. Децата низ целиот свет го обожаваат тој лик, мислам дека тоа е одлично за него, тоа беше одлично за нас и јас сум многу среќен поради тоа – изјавил Стјуарт Бити, додавајќи дека без разлика што Деп ќе прави во иднина, врвот на неговата холивудска кариера дефинитивно ќе биде капетан Спероу.
Овој лик стана култен како Супермен и Бетмен. Џони Деп се облекуваше како Џек Спероу за да посетува и да радува деца во болници. По овој лик се направени многу сувенири.