Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ вели дека Приштина постојано бара алиби за неисполнување на потпишаните договори и додава дека Косово не сака да влезе во Интерпол поради борба против корупцијата туку да се покаже и докаже како држава.
Дачиќ во изјава за РТС рече дека нема да има никаква војска на Косово, се додека Резолуцијата 1244 е во сила и дека иницијативата за трансформација на косовските безбедносни сили е обид на некои западни земји да ги задоволат приштинските власти.
Тој потсети на соопштението на портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич, со забелешка дека секогаш зборува со став „кој ги осудува сите страни или ги повикува сите страни“, но додава дека „сега јасно кажа оти тие ја поддржуваат трансформацијата на КБС, но само според Уставот“.
– Тоа е спротивно на Уставот. Според тоа, од тоа нема ништо – рече Дачиќ и истакна дека САД минатиот пат биле жестоки во реакцијата, а „сега малку попуштиле поради внатрешната политичка сцена“.
Дачиќ вели дека Косово, откако е потпишана Бриселската спогодба, постојано бара алиби таа да не се исполни. – И тоа е тоа што иритира. До кога веќе Албанците ќе бидат толерирани како некој што не го исполнува тоа е што го потпишува и како некој што предизвикува нестабилност во регионот – рече Дачиќ.
Зборувајќи за иницијативата за влез на Косово во Интерпол, српскиот министер за надворешни работи рече дека „тоа е луда ситуација, затоа што Косово соработува со Интерпол преку УНМИК.
ФОТО: EPA-EFE-MARIO-CRUZ