Во Собранието на Република Македонија следната недела почнува расправата по ребалансот на Буџетот за 2018 година. Во понеделник е закажана седницата на матичната Комисија за финансирање и буџет. Согласно деловникот на Собранието во Комисијата трае 10 работни денови.
Владата го усвои предлог ребалансот на седница на 13-ти овој месец. Според предлогот на Владата, со ребалансот има намалување на приходната и расходната страна за 0,5 отсто. Се задржува буџетскиот дефицит на 2,7 отсто, а се ревидира проекцијата за економскиот раст на 2,8 отсто.
– Целта на Предлог-ребалансот на Буџетот за годинава е да се направат корекции на расходната страна со цел обезбедување финансиска поддршка за општините и зајакнување на фондовите за здравствено осигурување (ФЗОМ), Пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и Агенцијата за вработување (АВРМ), рече министерот образложувајќи го предложениот ребаланс по усвојување во Владата.
Според него, проекцијата на растот на БДП е ревидирана поради блокадата за влез во НАТО и ЕУ и дека неизвесноста негативно може да влијае на економијата.
Ревидирањето на планираните проекции на приходите е пред се резултат на намалувањето на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки и благ пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од 812 милиони денари заради реализацијата во првите девет месеци од годинава.
Расходната страна на Буџетот е корегирана надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 отсто.
Има намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, главно кај проекти финансирани со кредити. Капиталните расходи се намалуваат за 5,666 милијарди денари, од кои 1,672 милијарди денари на буџетската сметка и 3,994 милијарди денари на кредитната сметка. Каматните расходи се намалуваат за 897 милиони денари, пред сѐ заради успешното менаџирање со јавниот долг и обезбедувањето на пониски каматни стапки за сервисирање на долгот.
Најголемо кратење има кај проектите каде има забавена динамика, односно за гасификација и за откажаната изградба на клиничкиот центар.
Со ребалансот се врши реалокација на средства помеѓу буџетските корисници при што се обезбедуваат дополнителни 198 милиони денари за политички партии и истражувачки центри согласно промената на закон, како и средства за функционирање на ОТА до крајот на годината.
За Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и за Агенцијата за вработување се обезбедени дополнителчни 1,8 милијарди денари. Средствата ќе се користат освен за пнепречено реализирање на обврските на овие институции и за етапно намалување на долговите на здравствениот систем.
Најголема алокација во ребалансот има за општините во висина од 3,020 милијарди денари со цел намалување на доспеаните, а неплатени обврски на општините и единките корисници основани од единиците на локалната самоуправа од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита.