Содинетите Американски Држави го осудија нападот врз српските верници, што се случи во неделата попладне во селото Студеница близу косовскиот град Исток и побараа од надлежните органи да ги откријат и казнат сторителите, јави дописникот на МИА од Приштина.
Вршителката на должноста амбасадор на САД во Косово, Колин Хиланд изјави дека е „разочарана од насилството кое е извршено со цел заплашување на верниците во Исток“.
– Ним треба да им се обезбеди слободата на движење низ Косово, порача Хиланд преку Твитер.
Таа ги поздрави „силните изјави на косовските лидери, кои го осудија ова насилство“ и изрази поддршка за напорите на полицијата да ги изведе пред правда сторителите.
Два автобуси, со вкупно околу 170 верници Срби во неделата се упатија во посета, која била однапред најавена и пријавена, на православна црква во селото Студеница.
Како што соопшти косовската полиција, попладнето, откако ги завршиле верските обреди, додека се подготвувале да се вратат во Србија, засега непознати сторители ги каменувале автобусите со белградски регистерски таблички.
Според полицискиот извештај, на еден од автобусите му се искршени три стакла, а на другиот шофершајбната. Ниту еден од верниците во автобусите не бил повреден