Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави денеска дека конечното решавање на споровите со Србија има смисла единствено доколку Белград на крајот го признае Косово и повтори дека ќе продолжи да работи за остварување на идејата за припојување на Прешевската Долина кон Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
На приемот што го организира за припадниците на Безбедносните сили на Косово (ФСК), кои учествуваа на меѓународниот натпревар „Камбриан Патрол“ во Обединетото Кралство, Тачи рече дека „по постигнувањето договор ќе биде отстрането и руското вето“ за зачленување на Косово во Обединетите Нации.
– Не е фокусот само на едно одредено прашање во договорот. Ќе продолжам да го туркам прашањето на корекција на границата, при што Прешевската Долина ќе се обедини со Косово. Ќе работиме во правец на постигнување меѓусебен договор – изјави Тачи.
Тој им честита на припадниците на ФСК за освоеното трето место на натпреварот во Британија, оценувајќи дека на тој начин тие „го даваат најдобриот пример и порака дека ФСК е подготвена за дополнителни мисии“.
Командантот на ФСК Рахман Рама изјави дека натпреварот на кој вторпат учествуваат припадници на ФСК е еден од најпрестижните во светот.
– Сите извештаи кои ги добив од Обединетото Кралство беа одлични, рече Рама.